Ситуацијата ескалира: Американците го ликвидираа еден од најмоќните ирански генерали!

758

Од Белата куќа соопштија дека американскиот претседател Доналд Трамп го наредил воздушниот напад во кој денес во утринските часови во Багдад беше убиен еден од највлијателните ирански генерали, Касим Сулејмани.

„Американската армија по наредба на претседателот донесе одлучни одбранбени мерки за да ги заштити Американците во странство, ликвидирајќи го Касим Сулејмани“, соопштија од американското министерство за одбрана.

Сулејмани кој ги водел иранските воени операции во Ирак и Сирија бил убиен додека локалните сојузнички сили на Иран го пренесувале од аеродромот во Багдад. Во нападот исто така бил убиен и заменик шефот на „ПМУ“, Абу Махди Ал-Мухандес, инаку близок соработник на Сулејмани.

„Генералот Сулејмани активно ги развиваше плановите за напад на американските дипломати во Ирак и ширум светот. Овој удар имаше за цел да ги одврати Иранците од нивните планови за напад. САД ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни мерки за да го заштитат американскиот народ и интереси каде и да се наоѓаат ширум светот“, стои во соопштението на Пентагон.

Инаку, неколку минути пред Пентагон да соопшти дека е убиен иранскиот генерал, американскиот претседател Доналд Трамп на својот профил на Твитер објави фотографија од американското знаме, без коментар.

Нешто подоцна се огласија и од Белата куќа од каде што соопштија дека воздушниот удар бил „одлучувачка одрбанбена акција“ која била спроведена по налог на претседателот на државата.

Иранците ја потврдија ликвидацијата на Сулејмани и накратко порачаа дека САД ќе бидат одговорни за последиците.