Ситуацијата и натаму тензична: Нема договор помеѓу Мадуро и Гваидо

687

Состанокот на посредникот на венецуелската влада и опозицијата заврши без постигнат договор, соопштија од канцеларијата на лидерот на опозицијата на Венецуела, Хуан Гваидо.

Како што пренесуваат венецуелските медиуми, во соопштението е наведено дека претставниците на Гваидо на состанокот одржан во норвешкиот главен град Осло, го ратификувале планот за ставање на крај на владеењето на претседателот Николас Мадуро.

Покрај тоа тие, го ратификувале и планот за формирање на преодна влада и одржување на избори во јужноамериканската држава кои би биле организирани токму од преодната влада.

Од канцеларијата на лидерот на опозицијата, како и сампрогласен лидер на државата, Хуан Гваидо, не говореа за деталите околу несогласувањата, но од порано Мадуро порача дека нема да се повлече од власт.

Венецуелската опозиција нагласи дека сака да се продолжи процесот со посредство на норвешките власти, а од норвешкото Министерство за надворешни работи соопштија дека и двете страни во Венецуела покажале волја за одржување на втор круг на разговори.

Инаку, властите од Осло ги повикаа двете страни во Венецуела да бидат дискретни при изнесувањето на јавните коментари за да не биде загрозен процесот на преговори.