По неговото повлекување, партијата на францускиот претседател останала без кандидат на изборите.
Поранешниот портпарол на француската влада, Бенжамен Гриво, одненадеж денес се повлекол од трката за градоначалник на Париз, откако на интернет протекла компромитирачка видео снимка од сексуална природа.
По повлекувањето на Гриво, партијата на францускиот претседател Емануел Макрон останала без кандидат за градоначалник на локалните избори наредниот месец, пренесува “AP”.
Гриво повлекувањето од трката го најавил утрово, наведувајќи дека бил мета на злобни напади на интернет и на социјалните мрежи.
“Моето семејство не го заслужува ова. Никој никогаш не треба да биде мета на такво злоставување”, рекол Гриво.
“Guardian” објаснува дека во средата еден сајт објавил видео снимка со пораки пратени до една жена, кои наводно ги праќал Гриво.
“Daily Mail” истакнува дека на снимката Гриво, инаку татко на две деца, се самозадоволува додека праќа сексуални пораки на млада жена.
Снимката потоа се проширила на социјалните медиуми.