Скандалозно: Човечки органи и медицински отпад необработени се носеле во Дрисла!

1284

Службениците на Град Скопје пред речиси два месеци во вондреден инспекциски надзор откриле злоупотреба при управувањето со отпадот.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов заедно со инспекторот Мирослав Богдановски денес го обелоденија скандалот во кој преку фотографии и видеа може да се види неодговорното работење со медицинскиот отпад.

Шилегов порача дека за овој скандал се известени сите надлежни институции, објвувајќи ги материјалите на кои кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв како истекува во атмосферска канализација која води кон реката Вардар.

„Наместо термички да биде обработен и стерилизиран, се случувало медицинскиот отпад да завршува во Дрисла како обичен отпад. Пријавено е до Јавното обвинителство, но оттаму немаме информација за преземени било какви дејствија и дали воопшто официјално е започната истрага. Според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга државна надлежна институција“, изјави Шилегов, пренесува „Слободен Печат“.

Главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски лично го посетил местото на лиценцираниот правен субјект за работа со медицински отпад, откако граѓани пријавиле дека се случува нешто сомнително и се шири непријатен мирис.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад“, изјави Богдановски.

Градоначалникот на Скопје меѓу другото откри дека од 20-ти јануари новиот директор на Дрисла има забрана да го прима медицинскиот отпад, нагласувајќи дека ваквото непрофесионално работење може да предизвика епидемија.

Шилегов го повика Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сканадлот, а од Министерството за животна средина да го испита работењето на сите субјекти кои се во нивна надлежност, посебно тие што работат со медицински отпад.