Словенија без влада – неуспешни преговори, можни се нови избори

787

Словенечкиот претседател Борут Пахор денес го извести парламентот дека нема да предложи никого за премиер на новата влада во земјата бидејќи потенцијалните кандидати за таа функција му признале дека досега не успеале да го обезбедат потребното мнозинство од 46 пратеници во 90-члениот парламент.

По изборите што се одржаа на 3 јуни, Пахор му го понуди мандатот на Јанез Јанша, чија партија (СДС) освои 25 места, но тој го одби признавајќи му дека нема коалициски партнери.

Во писмото што го испрати до претседателот на парламентот, Матеј Тонино, Пахор вели дека за неуспехот на досегашните преговори со потенцијалните коалициски партнери го известил и лидерот на Листата, Маријан Шарц, кој исто така се обидува да обезбеди мнозинство.

Пахор во писмото му предлага на Тонино што побргу да се одржи седница на која парламентот ќе се извести за моментната ситуација за да може земјата што е можно побргу да добие стабилна влада и да се отстрани опасноста од предвремени избори наесен ако не се најде решение.

Како што е наведено, седницата, најверојатно, ќе се одржи в петок по што настапува двонеделен рок во кој кандидатите за премиер повторно може да ги предложи претседателот на државата, но и парламентарните партии и групи што ќе соберат потписи од 10 пратеници.