Граѓаните од први март следната година ќе може повторно да плаќаат сметки, и да подигнуваат пензија преку Македонска пошта. Од пошта уверуваат дека до крајот на годинава ќе го потпишат договорот со Халк банка по што обврската на банката е во рок од два месеци технички да се поврзе со системот на пошта.
„Договорот е во финална фаза и истиот ќе биде потпишан до крајот на оваа година. Обврска на банката е најдоцна за два месеци да започне по што очекувањата се дека на први март следната година граѓаните ќе можат да плаќаат во филијалите на пошта“, наведуваат од Македонска пошта.
Вработените нема да треба да одат на обука бидејќи софверот за работа ќе биде истиот што го користеле и со пропаднатата Еуростандард банака.
„Компетитивните предности на Халк банка е тоа што ќе го користи истиот софтвер како претходно, техничкиот модел е спремен, вработените ќе го гледаат истиот екран, нема да има нов софтвер со што нема да има потреба за обука на вработените“, додаваат од Македонска пошта.
Македонска пошта остана без платен промет уште во август откако пропадна Еуростандард банка со која имаше склучено договор. Оттогаш филијалите на пошта функционираа само за испраќање на пратки и писма. Граѓаните неможат да плаќаат сметки, ниту пак да чекаат поштар да им ја донесе пензијата на домшна адреса.