Најновите снимки од дрон ги открија реалните размери на катастрофата во Грција која беше предизвикана од судир на возови.
Најмалку 32 лица се починати, додека околу 60 од нив се повредени.
Спасувачите од полноќ работат на местото на несреќата, но како што самите сведочат сега од вагоните извлекуваат само безживотни тела.
По судирот на возови, избил голем пожар. Поголем дел од вагоните биле целосно уништени, а патниците преживеале хорор во запалените вагони и панично се обидувале да побегнат надвор.
„Слушнавме силен тресок. Следните 10 секунди беа пекол. Се вртевме околу вагонот додека не застана и потоа паднавме. Настана паника. Кабли, пожар… Пожарот започна веднаш. Беше секаде околу нас“, изјави за Ројтерс Стергиос Миненис, кој ја преживеа несреќата.
Оние кои успеале во тоа велат дека чадот и пламенот биле на сите страни и дека одвај се спасиле од смртта. Иако спасувачите и натаму работат на санирање на штетите, истакнуваат дека сега мали се шансите да пронајдат преживеани.
Спасувач изјаил дека повеќето од жртвите се студенти. „Во најголем дел од вагоните имаше млади луѓе, 80 проценти беа млади, до 30 години“. Од локалната болница во Лариса велат дека околу 30 луѓе имаат потешки повреди, а од нив двајца имаат посериозни повреди на мозокот.