Со ребалансот на буџетот скратени парите за пругата за Бугарија и за гасификацијата

649

На автопатот Кичево-Охрид сега има 230 градежни машини и 820 работници и инженери и динамиката на работа има нагорен тренд, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој не сака да споменува рокови за завршување, зашто, како што вели, на дел од трасата сè уште не е завршена експропријацијата и машините не можат да влезат.

Со ребалансот на буџетот нема пари за изградба на пругата кон Бугарија, а малку се намалени и средствата за магистралната гасоводна мрежа, информира министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој вчера имаше средба со претставниците на Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Министерот појасни дека на првата делница од пругата кон Бугарија не се работи, зашто изведувачот се повлече, но се прави план преку одлука на Владата која има сериозен фокус на источниот железнички крак работите да продолжат така што првата и втората делница би биле заеднички проект и наскоро да се распише повик за изведувач кој ќе продолжи со градење. За гасоводот средствата се намалени зашто имало застои поради изместување на трасата.

-Многу скоро ќе ја завршиме гасификацијата. Ќе го почнеме кракот од Штип до Свети Николе кон Велес, а се проектира и западниот крак од Гостивар и Кичево кон Охрид, така што ќе го затвориме целиот прстен, рече Бочварски.

Тој информира дека е забрзана динамиката на изградба на автопатот Кичево-Охрид и дека на трасата има 230 градежни машини и 820 работници и инженери. Од автопатот според првиот проект биле изградени над 85 проценти, но по репроектирањето сега се готови 55 проценти.

-Динамика има нагорен тренд, но ќе продолжиме со отстранување на сите останати делници каде што треба да се направи дополните експропријација и таму да се оди со посилна динамика. Заради сите репроектирања и нови зафати на автопатот, не можам да зборувам за рокови, треба да се види динамиката, експропријацијата. Има делници каде се врши експропријација и не можат да влезат машини. Но, финансии има, посочи министерот и додаде дека за овој автопат се предвидени 600 милиони евра.

Бочварски не сакаше да даде конкретни податоци за реализацијата на капиталните инвестиции со оглед на тоа дека сè уште не е завршена годината. Рече дека сега доаѓаат фактурите од работењето во летниот период.

-Се прави притисок секаде, очекуваме сите проекти да продолжат со реализација и да се изврши плаќањето. Ги повикав компаниите да ги достават фактурите за да можат брзо да бидат исплатени. Реализацијата ќе ја видиме на крајот на годината. На капиталните инвестиции ковид-кризата, времето на техничка влада и изборите имаат влијание. Сега не е време за политики туку време да продолжат инвестициите, истакна Бочварски.

Информира дека има напредок во изградбата на првата делница од автопатот Скопје-Блаце долга 1,8 километри, од која се изградени 60 до 80 проценти. Втората делница е во фаза на проектирање, па потоа треба да се избере изведувач.

Според Бочварски инфраструктура ќе има приоритет при трошењето на средствата што ќе ги добиеме од Европската Унија. Тој ги издвои патиштата и пругата што ќе се градат на коридорот 8, како и гасоводот и неговата секундарна мрежа.