Собранието во исчекување на нацрт-амандманите, ВМРО-ДПМНЕ го доставува предлог-законот за амнестија

733

Петнаесетдневниот рок што и го даде Собранието на Владата за изготвување на нацрт-амандманите, откако на 19 октомври 80 пратеници дадоа поддршка за почеток на процесот на уставни измени, истекува во сабота. Имаше најави дека нацрт-амандманите уште денеска ќе пристигнат во Собранието, но потоа се појавија проценки дека тоа би можело да се случи кон средината на оваа недела.

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги консолидира силите околу натамошното дејствување, откако остана со помалку пратеници, а некои од нејзините десет пратенички групи  повеќе не ги исполнуваат прописите на Деловникот, според кои една пратеничка група треба да има најмалку пет пратеници. Партијата најави дека денеска го доставува до Собранието предлог-законот за амнестија на сите инволвирани во случувањата во македонскиот законодавен дом од 27 април минатата година.