Социјалдемократи од Северна Македонија, една од идеите за ново име на СДСМ

572

Владејачката партија СДСМ во иднина планира да го промени името во согласност со Преспанскиот договор, а една од идеите е Социјалдемократи од Северна Македонија, при што скратеното име би останало исто СДСМ, најави денеска премиерот Зоран Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање кога партијата ќе го смени името, со оглед дека е финансирана од државата и со тоа законски е обврзана да го користи уставното име, Заев рече дека за тоа не може да се одлучува на Централен или Извршен одбор, туку за тоа одлучува партискиот Конгрес, којшто ретко се свикува.

„Од уставните промени сме одржале само еден, онлајн. Верувам дека во периодот пред нас ќе постапиме согласно Преспанскиот договор. Дури дадовме и информација во делот на новото име – Социјалдемократи од Северна Македонија. Има и други идеи…“, рече Заев.

Тој додаде дека транспарентно ја отвориле дебатата и апелираат до сите да постапуваат согласно Уставот и законите, а, како што рече, тие секако треба да бидат пример за тоа.