На две кола пред крајот од првенството „Ѓаволите“ имаат три бода помалку од четвртиот Челзи и се наоѓаат на шестото место, а викендов ќе се соочат со Хадерсфилд.
Преку медиумите голем број играчи се поврзуваат со трансфер на „Олд Трафорд“, на што не е имун ниту тренерот на клубот Оле Гунар Солскјер.
„Јас сум тој кој го има последниот збор околу играчите и околу тоа кој останува, а кој си заминува“, изјави Норвежанецот на прес-конференцијата пред мечот во неделата, па додаде:
„Имаме регуларни состаноци. Среќен сум на начинот на кој се одвиваат работите. Треба да потпишеме 250 играчи бидеќи сите вие пишувате за играчите кои треба да ги донесеме, така што се надеваме дека ќе ги донесеме. Никогаш не знаете што може да се случи“.
„Во некој план на подолг рок мислиме на Лигата на шампионите. Можно е таму да се најдеме и следната сезона, а можеби и нема, но би биле шокирани кога би знаеле колку агенти ни ги нудат своите играчи.
Ни говорат дека нивните фудбалери, клиенти, сакаат да бидат членови и да играат за Манчестер Јунајтед и тоа е она што сите ги мами тука. Потенцијалот и големината на клубот. Сите знаат дека ќе се вратиме на старите добри времиња“.
Од друга страна голем број навивачи на Јунајтед се незадоволни од резултатите оваа сезона. Иако клубот дојде до четвртфиналето од ЛШ, таму беа прегазени од Барселона.
Кога станува збор за Премиер лигата, екипата во моментов е на шестото место со 65 освоени бода и има само теоретски шанси за следната сезона да игра во ЛШ.
Од ФА Купот се простија во четвртфиналето, а од Лига Купот во 1/16-финалето.
Секако, овие резултати се далеку од она за што сонуваат и на што се навикнати навивачите на Манчестер Јунајтед, така што во текот на летото треба да се очекуваат големи промени кога станува збор за играчкиот кадар.