Соосновачите на Инстаграм, апликацијата за размена на фотографии која е во сопственост на Фејсбук, соопштиле дека поднеле оставка, потврдувајќи ја претходната информација на “New York Times”.
Кевин Систром, актуелниот генерален директор и Мајкл Кригер, директор за технолошки прашања, го создале Инстаграм во 2010 година.
“Мајк и јас сме благодарни за последните осум години во компанијата и шест години како дел од Фејсбук. Заминуваме за повторно да ја испитаме нашата љубопитност и креативност”, напишал Систром во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата “Sistrom”.
Тој изјавил дека тие двајца се спремни да отворат ново поглавје во животот. Кевин не навел прецизни причини за заминување додека повеќе американски медиуми го припишуваат заминувањето на несогласување со шефовите од матичната куќа Фејсбук.
Инстаграм во јуни објави дека го надминал прагот од милијарда корисници, а особено профитирал од растечката популарност помеѓу младите.
Оваа социјална мрежа е креирана во 2010 година, а потоа беше купена од страна на Фејсбук во 2012 и тоа за една милијарда долари. Инстаграм, под влијание на Фејсбук ја зголеми својата бројка на корисници, додавајќи реклами и други спонзорирани содржини.
Двајцата соосновачи на ВатсАп, втората апликација која Фејсбук ја купил, Јан Кум и Брајан Ектон го напуштиле Фејсбук поради несогласување со шефовите на Фејсбук поради доверливоста на податоците и воведување реклами на апликацијата, пренесуваат медиумите.