Сопругата на Ангеловски: Зборовите на мојот Игор сè уште ми одѕвонуваат навечер!

752

Селекторот Игор Ангеловски ѝ ја посвети големата победа против Германија на својата сопруга Тања, која се бори со коронавирусот.

Ден по големото славје на нејзиниот сопруг во Дуизбург, таа напиша емотивна порака преку која испрати честитка до сите репрезентативци за одиграното во изминатиот период.

„Сакам да ви ја честитам победата над четирикратниот светски шампион Германија. Две децении без пораз, и таа серија Македонија за да ја скрши, почит. Во овие квалификации постигнaти девет гола СЕКОЈА ЧЕСТ. Честитки до стручниот штаб, медицинскиот тим и техничкиот персонал на А селекцијата, сите играчи на А селекцијата, некои од нив за овие 5 години пораснаа во очите на Игор Ангеловски од момчиња без брада, тие станаа татковци, тие се горди и храбри, свесни за уникатноста на нивните карактери. Сите овие момци ги предводи капитенот Горан Пандев – неверојатна фигура, далеку пред неговото време.
Никогаш нема да ги заборавам овие квалификации и периодот што го поминав заедно со моето семејство. Ковид-19… непоканет гостин кој ти го одзема здивот. Зборовите на мојот сопруг сè уште ми ѕвонат навечер, кога во полусвесна состојба ги добив резултатите од скенирањето на белите дробови и тестовите на крвта. „КАДЕ СИ ТРГНАЛА МАЛЕЧКА, ЈАС СЕ УШТЕ НЕ ЗАВРШИВ СО ТЕБЕ“. Ти благодарам за секој момент поминат заедно со тебе и нашите деца, разбирање и поддршка без оглед на сè. Ти благодарим што ја сакаш мајката на твоите деца”, напиша Тања.

Пандев и Елмас беа стрелци во историскиот подвиг на Македонија во првиот меѓусебен дуел против германската репрезентација.