Поранешната сопруга на Пабло Ескобар откри дека колумбискиот нарко бос ја силувал кога имала само 14 години, а потоа ја натерал да абортира.
Во своите мемоари насловени како „Мојот живот и затвор со Пабло Ескобар“, вдовицата Викторија Еугенија Енао детално го опишува животот со озлогласениот нарко бос, дури 25 години после неговата смрт.
57-годишната Енао ја открива шокантната вистина за животот со Ескобар и своите деца, Себастијан и Мануела за прв пат во јавноста.
„Морав да се поврзам со својата историја и да нурнам во длабочината на мојата душа, да соберам храброст да ја откријам тажната тајна која што ја кријам 44 години“, напиша таа, додавајќи дека таа тајна мислела дека ќе ја однесе со себе во гроб затоа што вистината само уште повеќе ќе ја влоши сликата која што светот ја има за тоа каков бил нејзиниот сопруг.
Енао открива дека имала 14 години, а Ескобар 25 кога прв пат ја силувал: „Не бев подготвена. Немав никаков сексуален нагон за да спознаам што значи интимниот и интензивен контакт“.
Енао тврди дека три седмици подоцна започнала да се чувствува „чудно“, а не можело да ѝ падне на памет дека е бремена. Ескобар ја посетил неколку дена подоцна за да ја праша како се чувствува и дали би сакала да му прави друштво во женската куќа.
„Речиси истиот момент, една постара госпоѓа која што едвај ме поздрави, ми рече да легнам на носилките и веднаш ми стави неколку пластични цевки во матката. Ми рече дека тоа било само превенција“, пишува Викторија.
Кога ја прашала „Превенција за што?“, жената ѝ одговорила дека „би можела да биде бремена“. Викторија воопшто не ја разбирала ситуацијата, па молчела и правела како што ќе ѝ кажат. Ескобар ѝ кажал дека ќе мора да ги почитува инструкциите и ја однел дома.
„Во следните денови спиев со тие чудни цевки во мене и бев приморана така да одам на училиште, за мојата мајка да не се посомнева во ништо. Имав силни болки, но не смеев да кажам на никого. Му се молев на Господ што поскоро да заврши тоа“, раскажува Енау и додава дека со години лажела дека е сексуално активна и дека абортирала, затоа што тоа тогаш бил „грев кој не може да се прости“ и табу тема во очите на црквата. Дури подоцна, кога започнала да оди на терапија, сфатила дека била силувана.
Енао вели дека откривањето на болните тајни на своите деца ја приморало да се соочи со минатото и да сфати дека се уште ги нема сите одговори.
„Реакцијата на Мануела беше силна, затоа што ми постави неколку прашања на кои што не знаев како да одговорам, а се однесуваа на тоа, зошто Пабло го сторил тоа без да ме праша и зошто не ме предупредил на ризиците од абортусот во такви услови. За нејзе, однесувањето на Пабло е за осуда, затоа што го загрози моето здравје“.
„Имаме две деца кои се нашата гордост. Благодарна сум за нив и тие се причината поради кои што продолжив да живеам“, раскажува вдовицата на Пабло Ескобар.
Енао откри дека го запознала Пабло кога имала 12 години, а тој 23. Ја започнале врската кога таа имала 13 години. Се венчале во 1976-та година кога имала 15 години. Пабло Ескобар беше убиен од полицијата на 2-ри декември 1993-та година.