Денеска, на 30 мај завршува третата вонредна состојба. Дали ќе има ново продолжување, ќе се знае по седницата на Советот за безбедност која напладне ќе се одржи во кабинетот на претседателот „Вила Водно.
Покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски, ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче. Министерот вчера ја соопшти одлуката на Комисијата за заразни болести, денеска кај шефот на државата ќе побараат да биде прогласена нова вонредна состојба. На ова се одлучиле откако бројката на новозаразени со Ковид-19 се искачи на 52 нови случаи.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски не потврди, но и не исклучи Владата да побара ново продолжување на вонредната состојба.
– Ако побараме продолжување на вонредната состојба, тоа ќе биде исклучително за донесување на преостанатите мерки за справување со последиците од корона-кризата, најави Спасовски пред три дена.
Со 10 починати и 115 новозаразени во последните три дена се чини паѓа во вода обидот на партиите за договор за евентуално организирање на предвремени парламентарни избори во првата половина на јули.
Дека за избори во вакви услови е несериозно да се зборува смета потпретедателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој синоќа во емисијата “360 степени“ на Алсат телевизија, истакна дека вонредната состојба треба да биде продолжена бидејќи бројките се загрижувачки.
– Јас не би сакал да шпекулирам со датуми, нашиот предлог е добро познат на јавноста, беше споделен на лидерската средба и тој е крај на август, почеток на септември, истиот соодвестува и со одредени владини функционери, коишто, нели, кажуваа дека тогаш ќе можат граѓаните повеќе да трошат и ќе е надминат корона вирусот, рече Николоски во емисијата „360 степени“ на Алсат.
Од СДСМ не споменуваат конкретен датум, но и понтаму велат избори треба да се случат 22 дена по завршување на вонредната состојба.
– Нашиот став е дека пред летото треба да имаме избори. Не би лицитирала со точен датум, но пред летото треба да се случат изборите. Пред граѓаните, како и секоја година, така и оваа, да заминат на летните одмори. И сите знаеме дека тоа е во јули. Можеме да го препорачаме крајот на јуни, почетокот на јули е оној период во којшто сметаме дека изборите треба да се случат, со цел да обезбедиме функционални институции, функционален парламент“, рече синоќа потпретседателка на СДСМ, Мила Царовска во интервју на „360 степени“.
Од ДУИ пак иако беа оптимисти дека 5 ти јули е датумот до кој партиите се најблиску да постигнат компромис за изборите сега велат се загрижени поради новонастанатата ситуација.
-Централниот Изборен Штаб на ДУИ, во согласност со новите околности и предвидувања за следните недели, ќе реализира интензивни консултации со институциите и експертите и своите проценки и одлуки ќе ги превземе во согласност со препораките на експертите кои не смеат да бидат под политичко влијание, туку треба да се однесуваат одговорно кон јавното здравје, соопштија вчера од партијата.
Засега останува и натаму прашањето дали и кога би се организирале изборите. Останува и неизвесно и дали СДСМ, со поддршка од коалициониот партнер Билал Касами, се спремни и сами да излезат доколку не се постигне компромис со ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска е последниот ден кога истекува третата – двонеделна вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај. Тој, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување на вонредна состојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.