Совршено сценарио за граѓанска војна

771

Ако сите страни во Венецуела останат на својот курс, би можело да дојде до граѓанска војна, стравуваат некои коментатори во германските медиуми.

Некои укажуваат и на неединството во Европската унија, пренесува “Deutsche Welle”. 

“Franfurter Allgemeine Zeitung” пишува: “Со признавањето на Хуан Гваидо, Германија и повеќето земји од ЕУ се приклучија кон позицијата на САД и на поголем број од земјите во Латинска Америка. Во прилог на тоа зборуваат и политичките и моралните причини. За западните демократии не би било добро во оваа тензична ситуација да не се стават на страната на оние кои ги застапуваат правото и слободата. Режимот на Мадуро на таков начин ја уништил просперитетната Венецуела, што било дури и необично за земјите од Латинска Америка. Еден политички лидер, кој својата земја ја доведува во таква состојба и неправда, си поигрува со својот легитиметет”.

“Westfälische nachrichten” од Минстер смета дека признавањето на лидерот на опозицијата нема да придонесе многу: “Европа јасно го покажува својот став. Но, помага ли тоа нешто? Авторитарниот шеф на државата и натаму е цврсто на својата фотелја. И ќе биде толку долго, додека може да се потпре на својата војска, посебно на добро подмитените офицери. Мадуро на себе можел да си дозволи само со уморна насмевка да реагира на ултиматумот на Европејците”.

Берлински “Taggeszeitung” гледа во иднината: “Ако сите страни останат на својот курс, тоа ќе доведе до граѓанска војна што било оправдување за можна воена интервенција. Тоа никој не го сака. Оние држави на ЕУ кои се ставиле на страна на Гваидо, сега би морале да преземат одговорност. Тоа пред се значи дека мора да влијаат на својот сојузник. Државите на ЕУ би морале да го убедат Гваидо да биде трпелив и на крајот да најде решение со кои двете страни би можеле да живеат. Тоа не е едноставно. Но, кога некој туку така ќе се замеша, тогаш тоа нека биде со студена глава”.

“Сето ова не е паметно”, смета коментаторот на весникот “Volksstimme” од Магдебург. “Мадуро уште има карти за моќ во своите раце. Генералите имаат и економска моќ. Армиското водство е со режимот, поради тоа што стравува дека шефот на државата би можел да падне. Притоа Мадуро тргнал да ги вооружува своите приврзаници. Ако луѓето на Гваидо се фатат за оружје, тоа би било совршено сценарио за граѓанска војна. И дали тогаш би интервенирале Американците? Тогаш Германија и другите Европејци, како помошни трупи, би можеле со Американците да изградат мост за инвазија”.

“Landenzeitung” од Линебург заклучува: “Европската унија во конфликтот со Венецуела ја прокоцкала шансата многу повеќе да ја развие стратешката автономија во однос на Вашингтон. Тоа што застанале зад Хуан Гваидо кој сака да го победи болниот режим на Мадуро, на Европејците кај Трамп би можело да им донесе неколку поени. Меѓутоа, можноста како почесни посредници да го зголемат своето влијание во Латинска Америка – е отфрлена”.

Коментаторот на “Sueddeutsche Zeitung” пак забележува дека “економската сила на Европа сака да преземе повеќе политички одговорности и поради тоа ова е горко разочарување. ЕУ нема единствен став по прашањето за Венецуела. Вината за тоа лежи во едногласноста која во овој случај ја искористила Италија. Во популистичкото движење Пет ѕвезди, кое е на власт во Италија, постојат луѓе кои на Венецуела гледаат како на пример. Споредно е тоа дали ултиматумот на ЕУ до Мадуро оставил било какво влијание. Бидејќи, ЕУ многу често не успева да настапи заедно за демократијата и да им помогне на гладните луѓе. Римското вето – повторено овој понеделник – покажало колкаво е тоа единство: 27-1. Ако Мадуро остане тврдоглав, контакт групата која ја координира ЕУ, би можела да спречи насилство во Венецуела”.