Срамнети куќи, згради и хотели: Земјотресот во Албанија урнал повеќе од 1.100 објекти

634

Евакуирани биле повеќе од 3.000 луѓе, а најмалку 550 објекти претрпеле големи оштетувања.

Според последните проценки од последиците на земјотресот во Албанија, целосно биле урнати 1.183 објекти, пренесува Плус инфо.

Најмногу се рушеле приватни куќи, потоа станбени згради и хотели, додека 558 објекти претрпеле големи оштетувања.

Покрај Драч и Тирана, од земјотресот биле погодени и областите Пешкопи, Кукеш, Фјер, Елбасан и Берат.

“Во главниот град на Тирана е утврдена штета на 146 деловни објекти, оштетени се 28 училишта, две болници и 15 електрични кабини”, изјавила заменичката на министерот за внатрешни работи на Албанија, Ровена Вода.

Таа нагласила дека 3.224 лица се евакуирани, по хотели се сместени 1.961 лице, во шатори 964, во социјални центри 867 и кај други семејства се сместени 2.525 лица.

Вода додала дека локални и меѓународни тимови продолжуваат со инспекциска работа на оштетените објекти.

“Голема благодарност за нашите партнери и сите наши меѓународни пријатели, група од 55 експерти од Северна Македонија, Грција, Турција, САД, ЕУ, Швајцарија и Франција, кои им се приклучија на 74 албански експерти. Би сакала да соопштам дека денес дојдоа уште 30 инженери од Косово, па вкупниот број достигна 159”, навела таа.