Кошаркарската репрезентација на Србија одигра нова доминантна партија на Светското првенство (СП) кое се игра во Кина и покажа зошто ја сметаат како една од селекциите-фаворит за пласман во финалето.
Нашиот сосед беше немилосрден и во првиот натпревар од втората фаза на Мундобаскетот, па со убедливи 90-47 (49-26) го прегази тимот на Порторико. Избраниците на Ѓорѓевиќ повторно доминираа во секој сегмент во играта и запишаа четврта убедлива победа во четвртиот меч.
Дека Порторико го чека катастрофа, се даде до знаење по само пет минути игра, кога Србија со забивање на Бирчевиќ по асистенција на Јовиќ поведе со 15-4. Оттогаш, двоцифреното водство ниту еднаш не се испушти, а разликата константно растеше. На полувреме српската селекција имаше +23 (49-26), па така, во вториот дел Србија си дозволи атрактивна игра, со убави потези за одушевување на публиката.
Најдобар кај Србија беше Немања Бјелица со 18 поени, Марјановиќ постигна 16, а Јокиќ заврши со „дабл-дабл“ од 14 поени и 10 скока. Кај Порторико, единствен кошаркар со двоцифрен учинок беше Давид Уертас.
Србија со овој триумф речиси сигурно е меѓу најдобрите осум во светот и само чудо може да ја исфрли од четвртфиналната фаза.