Србија: вакцини има, нема кандидати за вакцинирање?

562

Речиси сите кои се пријавија за вакцинација во Србија, веќе се вакцинирани. Но три четвртини од полнолетното население во земјата се нема пријавено за корона-вакцини. Според експертите дезинформациите го земаат данокот.

„Ова е апсурдно“, вели епидемиологот Зоран Радовановиќ за ДВ. „Ние сме единствена земја во светот во која понудата на вакцини е поголема од побарувачката“. Додека во светските медиуми одекнува мешавина од чудење и воодушевување од брзиот почеток на вакцинацијата во Србија, податоците објавени деновиве го отвораат прашањето дали наскоро корона вакцините од кинеско, руско и западно производство ќе се трупаат во српските магацини?

Имено во Србија над еден милион луѓе имаат примено барем по една доза вакцина, додека на листа на чекање се уште двесте илјади граѓани. Тоа значи дека од 5,5 милиони полнолетни граѓани само една четвртина се пријавиле за имунизација.

„Како Бога ве молам пријавете се да примите вакцина. Имаме и ќе имаме уште вакцини, како Бога ве молам пријавете се“, апелираше претседателот Александар Вучиќ минатата недела, најавувајќи дека и тој наскоро ќе прими вакцина, пишува Дојче Веле.


Колективен имунитет до лето – невозможна мисија?

Според официјалните претставници Србија веќе набавила или нарачала околу петнаесет милиони дози што е безмалку доволно населението по два пати да прими по две дози. Но, сега се чини е невозможна мисија да се најдат доволно луѓе подготвени да ја примат вакцината.

Проценките на експертите ширум светот се дека за да се постигне колективен имунитет потребно е да биде вакцинирано од 65% до 85% од населението.

Епидемиологот Радовановиќ предупредува дека е погрешна пресметката на Кризниот штаб кој најавува дека Србија до лето ќе може да стекне имунитет на стадо. Бидејќи не може само просто да се собира бројот на оние кои ка прележале болеста и оние кои примиле вакцина. Тие две групи во голема мерка се поклопуваат, а оние кои прележале имаат заштита од само неколку месеци.

„Луѓето се двоумат дали да се вакцинираат. Едноставно немаат соодветни информации. Односно, интернетот го победи Министерството за здравство. Имаме инфодемија,“ вели искусниот епидемиолог Радовановиќ. „Многумина велат, немам ништо против вакцина ама сакам да почекам да видам што ќе биде со оние кои први ја примија вакцината“, додава тој.