Средба Путин – Макрон: Надеж дека Русија и Франција ќе ја надминат комплексноста на врската

756

Рускиот претседател Владимир Путин се надева дека односите меѓу Русија и Франција ќе излезат на патот на позитивен развој, а двете држави ќе ја надминат комплексноста и повторно ќе ги воспостават инструментите за соработка. Тој тоа го изјави денеска за време на неговиот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.

Поздравувајќи го Макрон во Кремљ, рускиот лидер истакна дека билатералните односи добија добар поттик во рамките на работата на Петербургскиот меѓународен економски форум. Тој истакна дека во трговско- економската сфера е забележана позитивна динамика, што се одрази и во растот на трговската размена за 19 отсто во првата половина од оваа година.

Путин му го честиташе на Макрон државниот празник, кој Франција го одбележа вчера, и финалето на француската репрезентација на Светското првенство.

– Ќе видиме што ќе се случи вечерва. Уверен сум дека играта ќе биде убава, напорна, интересна и ќе уживаат милиони фанови низ целиот свет, рече тој.

Макрон, од своја страна, рече дека дошол во Москва за да го поддржи својот тим во финалето. Тој забележа дека рускиот тим „отиде далеку на турнирот и покрај сите предвидувања”. Тој и  честиташе на Русија за величественото светско првенство.

– Се беше едноставно совршено, рече францускиот претседател, кој дојде во Москва со својата сопруга Брижит.

Макрон изрази надеж дека размената на ставови, која започна на форумот во Санкт Петербург, ќе продолжи не само за билатералните прашања, туку и за актуелни  меѓународни прашања, особено за Сирија.