Српски медиуми: Брзина од 100 км/час причина за превртувањето на автобусот во Србија?!

717

Како што јавуваат српските медиуми причина за страшната сообраќајка во Лесковац, Србија, каде загинаат 3 лица и 32 се повредени, најверојатно е неприлагодената брзина кон условите на патот.

Како што изјавија од болницата уште вчера, четири лица се тешко повредени, но меѓу нив не се двајцата возачи, а денеска српските медиуми јавуваат дека еден од нив кој се сомничи ека е одговорен за трагедијата веќе е уапсен.

-Автобусот во саботата околу 20 часот тргнал од Прилеп за Виена. Кога бил во близина на Лесковац изненадно слетал од коловозот. Според досегашните информации, постои сомневање дека возачот возел со брзина од околу 100 километри на час иако патот бил завеан со снег и лизгав, што довело до несреќата, вели извор од истрагата за српските медиуми.

Според сведоштвата на еден од патниците ситуацијата навистина била ужасна. Две жени биле буквално заробени под возилото, но според нив противпожарните, полициските екипи и екипите на брзата помош веднаш пристигнале на лице место.

-Глетката беше страшна. Автобусот беше свртен на страна, патниците лелекаа и бараа помош, додека скршени стакла беа разлетани на сите страни. Четири лица беа заробени во автобусот. Докторите веднаш истрчаа да помогнат, за жал, за тројца беше доцна, вели соговорник за „Србија данас“.

-Се разбудов и слушнав луѓе како бараат помош. Рацете и главите им беа во крв. Пожарникарите дојдоа на помош и не’ спасија, раскажува момче од Битола.

Во лесковачката болница се хоспитализирани 28 патници, од кои четири добиле тешки повреди.

-На домашно лекување се пуштени 14 лица, но тие ќе останат во болница додека не дојде по нив превоз од Македонија, изјавиле од болницата до Лесковац.