Од полицијата рекле дека биле принудени да користат сила, бидејќи осомничениот бил агресивен и под дејство на наркотици.
Станислав Томаш, Ром од Чешка, настрадал, бидејќи полицаец за време на интервенција го давел притиснувајќи го неговиот врат со колено.
По објавувањето на снимката на која се гледа како полицаецот го држи коленото на рамениците и вратот на Ромот кој подоцна починал, владата на Чешка изразила поддршка за работата на полицијата, истакнувајќи дека “не станува збор за чешкиот Џорџ Флојд”.
Снимката настанала на 19-ти јуни при приведување во градот Теплице на северозападот на земјата.
Припадниците на Ромската заедница овој инцидент го споредиле со смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец од Минеаполис кој бил убиен од полицаецот Дерек Шовин на 25-ти мај 2020-та година.
На снимката од Чешка се гледа како еден од тројцата полицајци клечи на вратот на Станислав, додека оштетениот лежи на земја со лицето надолу неколку минути. Другиот полицаец му ги држи нозете, додека третиот се обидува да му стави лисици.
Во позадина се слушаат гласови на неколку минувачи кои го гледале приведувањето.
“Го задушуваат”, се слуша како вели една жена на снимката, додека еден маж одговара дека “тоа не е нивна работа”.
“Лежи доле, не станувај”, се слуша како друг човек го советува Станислав.
Се слуша и како полицајците постојано му кажуваат да не се спротивставува, додека тој се обидува да се ослободи. Истовремено ги прашуваат минувачите дали го познаваат, или дали знаат дали боледува од нешто.
Минувачите за тоа време го молат човекот на земја да се смири и да не пружа отпор. Станислав починал во возилото на Итна помош.
Од полицијата рекле дека биле принудени да користат сила, бидејќи осомничениот бил агресивен и под дејство на наркотици.
Тие рекле дека прелиминарните наоди покажуваат дека Ромот починал поради предозирање, и дека првите наоди укажуваат дека имал патолошки промени во коронарните артерии, најверојатно од употреба на амфетамин.
Портпаролот на спасувачките служби рекол дека добиле пријава дека се тепаат двајца мажи кои веројатно се под дејство на наркотици.
“Кога полицијата пристигна на местото на настанот еден маж побегна, додека другиот беше совладан и му беа ставени лисици”, рекла портпаролката на полицијата Вероника Хишплерова за чешките медиуми.
Таа рекла дека човекот подоцна починал, но демантирала дека полициската бруталност била причина за смртта.
Од Ромската заедница велат дека ова е пример како полицијата се однесува кон малцинствата.
“Веќе имаше лисици на рацете, зошто мораа да клечат на него три минути. Тоа не ми е јасно”, рекол Михал Мико, претставник на Организацијата на Ромите.