Страшна авионска несреќа во Шведска: Во падот на авион загинаа девет лица, сакале да скокаат со падобран…

624

Девет Швеѓани загинаа откако се сруши авион од кој што требало да скокнат со падобран, недалеку од Умеа, мал универзитетски град на северот на Шведска.

Малиот авион кој бил наменет за превоз на скокачите со падобран, се срушил во реката во близина на островот Сторсандскар, недолго откако полетал од аеродромот во близина на градот Умеа, соопшти портпаролот на шведската полиција, Педер Јонсон.

Од шведското министерство за внатрешни работи соопштија дека сите жртви биле Швеѓани, а само едно лице имало двојно државјанство. Идентитетот на жртвите не е објавен.

Кралот Карло Густав изрази сочувство: „Во врска со денешната авионска трагедија кај Умеа која одзеде девет животи, сакам да изразам мое сочувство. Моите и мислите на моето семејство се со нивните семејства и роднини“.

Сведокот Питер Ларсон за локалниот медиум “DN” откри дека најпрвин слушнал чудна бучава на моторот и погледнал кон небото.

„Погледнав нагоре и го видов авионот како ротира и ја губи контролата. На почетокот мислев дека станува збор за акробатски лет или тренинг, но набрзо сфативме дека нешто не е во ред“, раскажа Ларсон.

Останатите сведоци тврдат дека забележале како некои од патниците во авионот скокнале пред леталото да се сруши, а исто така откриваат дека забележале делови во вода кои најверојатно се остатоци од срушениот авион.

Повеќе детали околу несреќата и причините за падот на авионот засега нема.