20 лица настрадаа во сообраќајната несреќа во која што учествувала лимузина која што ги превезувала сватовите од свадба. Трагедијата се случила во малиот град Шохари на 200 километри северно од Њујорк.
Според изјавите на сведоците, лимузината со огромна брзина удрила во пешаците, а несреќата се случила во саботата во 14 часот по локално време, по што автопатот бил затворен до 16 часот. Засега не е позната причината за страшната несреќа која што ја потресе американската сојузна држава Њујорк.
Шефот на локалната полиција, Ричард О’Брајан изјави дека неколку полициски екипи ја истражуваат несреќата, откривајќи дека „во лимузината се возеле сватови кои што веројатно се враќале дома од свадба“.
Брајди Финаген кој што живее во близина на местото на несреќата, за “ABC News” изјави дека слушнал силен удар, по што истрчал надвор да види што се случува.
„Видов големо возило, многу необична сцена за Шохари, во грмушките. Возилото беше уништено и забиено во стебло. Се слушаше врескање, луѓе се имаа насобрано на паркингот во близина“, изјави Финаген, откривајќи дека луѓето кои што први стигнале на местото на несреќата се обиделе да ги скршат прозорците и да ги извлечат настраданите од возилото.
На местото на несреќата набрзо пристигнале најмалку шест возила на итна помош, два хеликоптери и три пожарникарски возила, пренесува “Times Union”.