Москва влезе во делумен „локдаун“ во траење од 10 дена. Од вчера, па сè до 7 ноември запрени се сите патувања кои не се нужни, затворени се салоните за убавина, кафулињата и продавниците кои не продаваат прехранбени производи.
Причината за ваквата одлука лежи во рекордниот број на смртни случаи , како и рекорден дневен број на нови случаи ширум Русија.
Во Русија забележани биле 1.159 смртни случаи, додека пак исто така регистрирани биле и 40.096 новозаразени во еден ден што е нов рекорд од почетокот на пандемијата.
Една од причините што секој ден во Русија има голем број на новозаразени од Ковид-19 во студените месеци е и малиот број на вакцинирани луѓе. Во земјата целосно е вакциниран секој трет жител.
Целосно вакцинираните жители пак се чувствуваат „казнети поради неодговорното однесување на невакцинираните жители“.
„Сите сме вакцинирани веќе неколку месеци. Во нашиот сектор бројот на вакцинирани е висок, меѓу 80 и 90 отсто“, изјавил претседателот на Здружението за претпријатија во индустријата за убавина Игор Стојанов.
Фризерите, козметичарите и останатите вработени во индустријата за убавина во Русија се меѓу најпогодените.
„Има многу замерки кои ги чувствуваме ние вакцинираните. Претприемачите се лути поради недостатокот на контрола. Има многу бес во врска со таа тема“, додал Стојанов.
Истото мислење го дели и сопственичката на ресторанот Тилда, Лера Шуломва.
„Што да ви кажам? Ова е апсолутна неправда. Нашите вработени на барање се вакцинираа. Но, не помогна. Неправедно е, но веќе навикнавме на ваков третман“, изјавила Шулмова.