Судијата Ставрев: Замислете како им било на децата пред да ги убијат, што се не им прошло низ глава

633

На обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ во случајот „Монструм“ судот им одреди доживотна казна затвор. Казна затвор од 15 години доби обвинетиот Фејзи и единствена казна затвор од девет години доби обвинетиот Хаки Азири.

За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, заедно со судијата Осман Шабани и тројца портоници, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Во името на граѓаните на РСМ по советување и гласање Основниот кривичен суд Скопје, како провстепен Кривичен суд ја донесе слената пресуда:

– Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се прогласуваат за виновни дека го сториле кривично дело тероризам од член 394б став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, ги осудува на казна доживотен затвор. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ се прогласува за виновен дека го сторил кривично дело тероризам од член 394б став 1 во врска со член 22 од КЗ и го осудува на казна доживотен затвор. Обвинетиот Хаки Азири се прогласува за виновен за две кривични дела помагање на сторител во извршено кривично дело по член 365 став 2 во врска став 1 од Кривичниот законик, па за секое кривично дело судот го осудува од по пет години затвор и го осудува на единствена казна затвор од девет години. Обвинетиот Фејзи Азири се огласува виновен за две кривични дела помагање на сторител во извршено кривично дело по член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, и за секое кривично дело го осудува на еднствена казна затвор од 15 години, изјави судијата Осман Шабани.

-Судиите, обвинителите, адвокатите кои работат на предметите имаат обичај и често во судската постапка да го употребуваат поимот кривично правен настан. По мое видување и чувство овде не се работи за обичен кривично правен настан. Се работи за монструозно садистичко убивање и одземање на животи на деца кои одвај станале полнолетни. Замислете ги чувствата на децата една минута пред смртта, клекнати на колена. Размислувале ли за семејството, за првите љубови, што се не им прошло низ глава во таа секунда, а тоа било и прашањето зошто ние и што лошо сме сториле, а не сме имале ни време да сториме. Какви се чувствата на родителите, во која психолошка бездна биле тие кога разбрале дека ги нема, како се чувствуваат во долго поминатите денови барајќи правда?”, рече судијата Ставрев пред изрекување на пресудата.

Судијата Ставрев посочи дека ако мирот во една земја се наруши стапува на сцена принудата.

-Правото е поредок во кој употребата на сила е забранета. Праведно е се што е законито. Правосилната е заснована врз релативна процесна вистина. Идејата за правда го потенцира значењето на општото добро. Правото е правда, но и правна сигурност. Треба да обезбеди мир и сигурност. Во Кривичниот Законик е предвидено дека тој што ќе изврши едно или повеќе дела на убиства, грабнување на лица, уништување на правни објекти.. ќе се казни од најмалку 10 години или доживотен затвор. Оној кој ќе му помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана затворска казна доживотен затвор, ќе се казни со затвор од 1 до 10 години, појасни судијата Ставрев.