СУДИЈКАТА ДОБРИЛА КАЦАРСКА ПРЕДЛОГ НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА УСТАВЕН СУДИЈА НА МЕСТОТО НА ВЛАДИМИР СТОЈАНОВСКИ

557

Едногласно во присуство на 12 членови на Судскиот совет, на денешната седница беше прифатен предлогот судијката за организиран криминал и корупција Добрила Кацарска за нов уставен судија.

Овој предлог Судскиот совет ќе го испрати на Собранието, кое треба да гласа. Уставните судии се бираат со просто мнозинство од пратениците.

Кацарска е предлог на местото на судијата Владимир Стојановски кому му истече мандатот во април, среде пандемија и вонредна состојба. Тој се врати во Врховниот суд, откај што беше избран за уставен судија пред 9 години.

Кацарска е судија 30 години. Покрај од кривичната, судела и предмети од граѓанската област. Од предметите на СЈО и од оние од висок јавен интерес на редовното ОЈО за организиран криминал, позната е по судењата „Тенк” , „Триста”, „Транспортер”, „Поткуп”, „Организиран напад на Собранието на 27 април 2017 година”. Последниве две судења беа со 30-тина обвинети, но таа одамна ги заврши.