Судот ја замрзна сметката на Рашковски и имотот кој им го препиша на децата

633

Кривичниот суд замрзна имот и трансакциска сметка која се поврзува со ексгенералниот секретар, Драги Рашковски. Ова е направено по барање на обвинителката Ивана Трајчева.

Освен на Рашковски, замрзнат е имотот и на фирма која беше сопственик на возило управувано од Рашковски, а за кои сега се води истрага. Воедно, потврдена е и мерката за куќен притвор, која му беше одредена почетокот на јули месец.

„Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари. Спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп“, информираа од Обвинителството за замрзнување на имотот сопственост на децата на Рашковски, кој им го препиша откако Обвинителството отвори постапка за него.

Се додава дека привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот.