Суперкласико ќе се игра надвор од Јужна Америка?

786

Синоќа повторно беше откажан реванш натпреварот од финалето во Копа Либертадорес помеѓу Ривер Плата и Бока Јуниорс.

Челниците на Фудбалската федерација на Јужна Америка одлучија по втор пат да го откажат големото финале кое што синоќа требаше да се игра на „Монументал“. Натпреварот беше откажан поради тоа што неколкумина фудбалери на Бока Јуниорс не биле подготвени за дуелот откако фановите на Ривер Плата брутално го нападнаа клубскиот автобус пред натпреварот во саботата.

Поради хаосот кој го предизвикаа навивачите на двата клуба, посебно навивачите на Ривер Плата, од Фудбалската федерација на Јужна Америка сега ја разгледуваат можноста натпреварот да биде одигран надвор од Аргентина, односно надвор од Јужна Америка.

Најверојатно реванш натпреварот ќе биде одигран на 8-ми декември, а голема е веројатноста истиот да биде одигран во Абу Даби. Сепак, конечната одлука ќе биде донесена во следните неколку дена.