Во налетот на супертајфунот „Мангкут“ на Филипни, животот го загубија 64 лица, а невремето исто така однесе и два животи во Хонг Конг.
Супертајфунот „Мангкут“ во текот на вчерашниот ден ја погоди кинеската покраина Гуангдунг, откако практично го опустоши северот на Филипините, носејќи се себе силни ветрови и поројни дождови. Филипинските власти стравуваат дека бројот на настрадани може да се зголеми поради бројните свлечишта ширум земјата.
Повеќе од 2,4 милиони луѓе биле евакурани од Гуангдунг, а над 50 илјади рибарски бродови биле вратени на пристаништата, пренесува новинската агенција „АП“. Бурата го погоди градот Таишан во Гуангдон, носејќи се себе ветрови со брзина од над 160 километри на час.
Властите на југот на Кина прогласија „црвен аларм“, односно предупредување од највисоко можно ниво, откако националниот метеоролошки центар соопшти дека густо населениот регион ќе се соочи со „сериозен тест, предизвикан од ветар и дождови“ и ги повикаа локалните власти да ги подготват граѓаните за катастрофата.
Откажани се стотина летови, сопрени се и брзите возови, а во некои места е прекинат целиот железнички сообраќај, соопштија од компанијата надлежна за кинеските железници во регионот Гуандунг.
„Во едни од најсилните налети, ветерот достигна брзина од 189 километри на час, соборувајќи кранови, скелиња, дрвја и сообраќајни знаци“, пренесуваат кинеските медиуми.
Нивото на морето пораснало за 3,5 метри на некои места, а водата ги поплавила крајбрежните објекти и во Хонг Конг.