Сведоци на пукањето во центарот на Москва: Луѓето мислеле дека е огномет, а потоа полицајците почнале да им викаат да бегаат

658

Очевидците на вчерашното пукање во Москва раскажале за “Sputnik” што виделе во близина на седиштато на Федералната служба за безбедност на Русија.

Сведоците опишале како специјалците во најдраматичните моменти со својата присебност спречиле многу поголема трагедија.

Една од девојките, која се наоѓала во кафулето во близина на местото на настанот, рекла дека видела вооружени лица и полицајци.

“Видовме дека нешто се случува на улица и пријдовме до прозорецот. На улица имаше сообраќајци и полицајци кои трчаа со автоматски пушки. Што се случило, не знаеме. Не би ризикувала да излегувам таму, се е оградено со полициска лента”, рекла таа.

Друг очевидец, Владимир Адјасов, изјавил дека луѓето, кога почнало пукањето, во прв момент помислиле дека е огномет, но полицајците почнале да им викаат да бегаат.

Адјасов рекол дека прво мислел да остане и да сними што се случува, но потоа се исплашил да не го погоди некој залутан куршум. Тој додал дека пукањето траело околу минута.

Уште еден очевидец, Јарослав, раскажал дека се наоѓал во бар, откаде ги видел припадниците на ФСБ и слушнал три истрели. Подоцна почнале да доаѓаат возила на итна помош и пожарни возила. Истовремено лево од зградата на ФСБ почнале да се собираат луѓе, во почетокот неорганизирано, а подоцна од секоја страна на влезот во зградата.

“После тоа не замолија да ја напуштиме терасата и да ја заклучиме. Нешто пред 19 часот дојдоа две возила на специјалните сили и не однесоа на таа страна на зградата. Потоа десетина специјалци истрчаа од едната на другата страна на зградата”, рекол тој.

Непознато лице вчера отворило оган пред зградата на ФСБ на Русија во центарот на Москва.

Прес службата на ФСБ соопштила дека напаѓачот бил неутрализиран и дека во пукањето биле ранети неколку лица. Министерството за здравство објавило дека во пукањето тешко биле повредени двајца припадници на FSB.