Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека е нереално да се мисли дека светот ќе се ослободи од вирусот корона до крајот на оваа година.
Директорот на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан, сепак рече дека трагичноста со корона кризата може да се избегне со намалување на бројот на хоспитализирани и мртви, пренесува Гардијан.
Тој додаде дека вирусот е сè уште оној што има контрола врз процесите, особено имајќи го предвид зголемувањето на бројот на новозаболени лица минатата недела, по шест последователни недели опаѓање на таа бројка, пренесува Танјуг.
Би било многу преурането и нереално да се мисли дека ќе се ослободиме од вирусот до крајот на годината, но ако сме паметни, можеме да завршиме со хоспитализации, смртни случаи и трагедија поврзани со пандемијата, рече Рајан.
Бил Гејтс смета дека ќе се вратиме во нормала кон крајот на пролетта или летото, но дека дотогаш вакцинираните треба да носат маски.
Иако основачот на Мајкрософт е целосно вакциниран, тој вели дека ќе продолжи да ги следи мерките и препораките како што е носење заштитна маска.
Сакам да бидам пример за другите, му рече Гејтс на Ендру Рос Соркин во Клубхаус, додавајќи: Ако се вакцинирате, сеуште можете да ја пренесете инфекцијата. Многумина се прашуваат кога ќе се вратиме во нормала или барем кога ќе ги укинеме мерките како што се носење маска и физичко растојание. Само на крајот на пролетта или летото можеме да размислиме за значителна промена во однесувањето, ако бројките се добри, рече Гејтс, додавајќи дека планира да продолжи да ја носи маската додека стапката на заразените значително не падне, додавајќи дека тоа не е страшна работа.
Шефот за епидемии во Америка, д-р Ентони Фаучи, рече дека постои можност Американците да мора да продолжат да носат маски до 2022 година и дека тоа ќе зависи од тоа како и колку брзо вирусот ќе циркулира во заедницата.