Македонскиот репрезентативец Филип Талески и следната сезона ќе го носи дресот на Вардар 1961. Иако се наоѓа на истек на договорот и имаше понуди и од домашни и од странски клубови, крушевчанецот ќе стави потпис на нов договор со „црвено-црните“.
Следната сезона Вардар 1961 ќе води битка на четири фронта и ќе игра 60-тина натпревари во домашното првенство, националниот Куп, СЕХА лигата и европското клупско натпреварување (Лига на шампиони или Европска лига). Затоа, потребен е широк ростер, а на позицијата лев бек вардарци веќе го потпишаа Кудуз, а важечки договор има и Шеваљевиќ.
Талески минатото лето дојде во Вардар 1961 од Балинген, а сезонава има свои блесоци во турболентната сезона. Сепак, вреди да се напомене дека за националната репрезентација Талевски игра одлично во континуитет и е незаменлив во тимот на новиот селектор, Кирил Лазаров.
Вардар 1961 следната сезона ќе добие нов тренер, откако Алушовски ќе се раздели со клупската управа на крајот од сезоната, на истек на неговиот договор.