Велат – никаде не е како дома. Не можеме да се согласиме повеќе. Не можеме и да се дочудиме како ја имаме оваа прекрасна земја само за нас, а со секоја нова глупост ја парчосуваме до недоглед.
Толку ни се тешки глупостите, што уште се чудиме како нè држи земјата по којашто газиме. Оваа македонска земја навистина е истренирана да истрпи многу глупости. Но, затоа си ја сакаме.
Еве ги десетте причини зошто никогаш не би се отселиле од Македонија:
„Секое чудо за 3 дена“ – и навистина трае 3 дена…
… а понекогаш дури и помалку. Непромислена изјава на некој политичар, скандал кој вклучува корупција или недолично однесување, злоупотреба на службената функција. Следуваат лавина од коментари, закани по животот, пцости и клетви. Вториот ден тензијата спласнува. Оние најупорните продолжуваат со „штанцањето“ коментари и анализи, небаре се експерти.
Третиот ден ниту трага, ниту глас од веста, ниту од коментаторите. Или сите заминале по работа, купување буре за кисела зелка или мотање сарми, или пак се појавил нов скандал (навистина се неброени во Македонија) и лентата почнува одново… во наредните два дена… и пак… и пак. Сепак, нема чудо што трае повеќе од 3 дена.
„Мојата чудесна Македонија – навистина е земја на чудата“
Повеќе не можеш да направиш разлика помеѓу вистинските вести и пара-вестите. Сите едноставно звучат реално за ова мало парче земја. Навистина, останаа уште толку малку работи да те изненадат, речиси и ништо.
Слушаш некоја нова вест и не ни трепнуваш, истрениран си на глупостите. Галии во реката, Зип-лајн низ главниот град, збогатување преку ноќ, од говедар-цар и инстантно заминување надвор од државата, без никаков проблем.
Македонијо, непресушен извор на чуда, те сакаме.
„Ќе си најдеш врски секаде каде што сакаш“
„Го нема тоа место и човек за кого јас не можам да најдам врска“. Така зборуваше другар ми, додека ние му се смеевме. Кога – човекот да ти бил во право.
Да не ве залажуваат кога ќе ви речат дека ви нема спас ако пајакот ви ја крене колата, ако нема место во градинката или болницата, ако предметите по најново се распоредувале компјутерски и таму човечката одлука не играла никаква улога. Секако дека игра улога. Или не сте биле доволно упорни, или не сте го пронашле вистинскиот човек. Или книшката.
И не заборавајте–таму каде што не може со пари, може само со ПОВЕЌЕ пари.
„Цела Македонија е во Скопје, не ти требаат другите градови“
За секој еден непродаден стан во моментов се градат уште по два. Можеби на празните станови ќе им биде потребно место за живот, од каде знаете пак вие?
Ова е држава собрана во еден град. Скопје е град-држава. Навистина немаме потреба од другите градови. Се прашувам, ќе дојде ли моментот кога некој ќе предложи да ги укинеме засекогаш? Нема да ме изненади, сепак зборуваме за земјата на чудата.
„Уште можеме бесплатно да си симнуваме филмови“
Ќути, трај, да не нè слушнат нормалните земји. Па уште ме советуваат да вклучам некаква заштита и да ја скријам мојата локација, која патем се менува од Мокрино во Слатино при секое симнување на филмови, серии и музика.
Ах, како да им се објасни па на овие досадните дека побрзо ќе дојде апокалипсата, отколку да ни го скратат ова незаконско уживање?
„Се пие, се јаде и се пуши како да ќе нема утре“
Во Македонија едно е сигурно – нема да останеш гладен и жеден. Се јаде и се пие без мера, во секоја можна прилика. Свадба, раѓање на бебе, роденден, слави, имендени, погреби… се пие, не да се ужива. Се пие – да се умре. До последната капка, до онесвестување.
А последниве месеци речиси и да не постои место каде што не можеш да си запалиш цигара. Фали уште во болниците и во авионите да може да се чури и да бидеме целосно задоволни.
„Го разбираме турбо-фолкот на соседните држави“
Замисли да не си бил роден во Македонија… Како ќе ги разбереш турбо-фолк стиховите од Пинк и Гранд? Бугарските песни на Планета… замисли колку само сиромашен и неисполнет ќе беше твојот живот?
Дали тогаш ќе имаше можност да отидеш на концерт на Аца Лукас, да се напиеш, да оставиш малку бело зад себе на седиштата, да испушиш 4 кутии цигари без проблем (види ја претходната точка) и да ги демолираш тоалетите, без никој да ти каже ниту збор? Не!
Затоа ја имаш Македонија, каде што ти е достапен целиот балкански турбо-фолк, а ти немаш проблем да го совладаш секој стих и рефрен.
„Ќе си подигнеш кредит без проблем, само доколку го употребиш магичното зборче…“
… администрација. Уште па ако го додадеш зборот „неопределено“ кој алудира на твоето временско вработување, банката те дочекува со отворени раце. Некој што зема буквално 10 пати поголема плата од твојата повеќе ќе се намачи при подигнувањето на кредитот.
Бидејќи неговата работа во приватниот сектор со 1500 евра плата не е баш сигурна, ама твојата со 250 евра во администрација ти е загарантирана и сигурна до гроба.
„На дланка народ, имаме ѕвезди“
Замислете, во градот-држава, со помалку од 2 милиони жители, ние имаме ѕвезди, блогерки, влогерки и инфлуенсерки. Тие не се баш сигурни каде точно живеат, ниту пак знаеме од каде ја добиваат самодовербата и ѕвездената аура со која се обвиени, ама доколку се среќни, немаме ништо против. Само напред, Македонија и онака е феномен сама по себе.
„И ние сме први во светот“
Да, конечно и ние може да се пофалиме дека во нешто сме први. Не е спорт, не е наука, не е музика. Не е ниту книжевност, не е ниту уметност. Први сме во загадувањето во светски рамки.
Аплауз за сите нас, за политичарите, народот, за целата држава… зошто некогаш би посакале да се отселите од Македонија?