Тензиите се зголемуваат: Американската полиција упадна во амбасадата на Венецуела и уапси поддржувачи на Мадуро

1069

Три активистички групи кои го поддржуваат венецуеланскиот претседател Николас Мадуро ја окупирале амбасадата, тврдејќи дека се „повикани гости“.

Американската полиција упадна во амбасадата на Венецуела во Вашингтон, за да избрка помала група на поддржувачи на Мадуро кои протестирале против политиката на САД против јужноамериканската земја. Тоа го отвора патот дипломатското претставништво да му биде предадено на опозиционерот Хуан Гваидо.

Трите активистички групи кои го поддржуваат актуелниот претседател Николас Мадуро, ја окупирале амбасадата на Венецуела, тврдејќи дека тие се „повикани гости“ во зградата на амбасадата.

Активистите се противат на американската интервенција во Венецуела против претседателот на земјата Николас Мадуро во корист на Хуан Гваидо, самопрогласениот привремен претседател на Венецуела.

Американските власти синоќа ги уапсија последните четворица демонстранти, откако групата го игнорирала барањето да ја напушти зградата.

Од тајната служба за американските медиуми потврдија дека полицајците им помогнале на агентите на дипломатската служба на Стејт Департментот во спроведување на налогот за апсење на луѓето во амбасадата.

Портпаролката на Стејт Департментот изјави дека владата на Гваидо, кого САД го признаваат за претседател на Венецуела, побарала помош за отстранување на демонстрантите од зградата на венецуеланската амбасада во Вашингтон.

За време на протестите, околу 50 лица од три активистички групи се собрале во венецуеланската амбасада, тврди Медеји Бенџамин, еден од основачите на „Код Пинк“, клучна група која упадна во амбасадата.