Терористот кој минатиот петок во Нов Зеланд уби 50 луѓе во два одвоени напади, планирал и трет напад. Како што пишува CNN, терористот бил стопиран од властите во остварување на третото крвопролевање.
“Спасени се нечии животи”, рекол полицискиот началник Мајк Буш.
Првите погреби на жртвите биле одржани вчера. Погребани се 44 годишниот Калед Мустафа и неговиот 16 годишен син Хамза. Од пописот на жртви објавени во неделата се гледа дека жртвите биле на возраст од 3 до 77 години.
Терористот во својот убиствен поход тргнал со пушки, две полуавтоматски и две сачмарки. За сето ова оружје имал дозвола која ја добил во 2017 година. Тој бил уапсен веднаш после нападот.
“Тој е терорист без име”
“Тој е терорист. Тој е криминалец. Тој е екстремист. Но, кога ќе зборувам за него ќе биде безимен. И сите вас ве молам да ги споменувате имињата на оние кои ги изгубивме, но не и името на оној кој ги одзеде. Можеби бараше да биде познат и озлогласен, но ние тука во Нов Зеланд нема да му го дадеме тоа. Дури ни неговото име. Исто така ќе ја преиспитаме и улогата на социјалните медиуми во овој случај и чекорите кои можеме да ги преземеме и оние на меѓународно ниво, заедно со нашите партнери”, рекла во својот говор премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн.