Лидерот на најпопуларната италијанска политичка партија Лига и поранешен потпретседател на Владата, Матео Салвини, ја критикувал ЕУ поради тоа што одолговлекува со носењето на мерки со цел надминување на последиците од пандемијата од коронавирусот, а дури и се заканил дека земјата ќе излезе од ЕУ, пренесува порталот “Афариталијани”.
“Тоа е лудост. На Европа и се потребни уште 15 дена да одлучи што ќе прави и на кого и како ќе му помогне, ако воопшто помага, и тоа во вонредни услови. Луѓето денес умираат од воспаление на бели дробови, утре можеби ќе умираат од сиромаштија”, рекол политичарот.
Зборувајќи за сериозната противречност внатре во Европската унија, кога станува збор за мерките за надминување на последиците од пандемијата, Салвини изјавил дека тоа воопшто не е унија, туку легло на змии и чакали.
“Прво ќе го победиме вирусот, а потоа ќе размислиме за Европа. Ако биде потребно, ќе се збогуваме без да кажеме благодарам”, рекол Салвини.
Ден претходно било објавено дека италијанскиот премиер Џузепе Конте, во текот на он-лајн конференцијата со 27-те лидери на ЕУ, го отфрлил нацртот на документот за мерките за надминување на последиците од пандемијата. Тој на колегите им дал рок до 10 дена да пронајдат адекватно решение, кое одговара на вонредната ситуација.
Премиерот притоа изјавил дека методите, кои ЕУ претходно ги развила, и кои се однесуваат на финансиската и економска политика на некои земји, не се добри за да се реагира на актуелните предизвици.
Италија кон крајот на минатата недела ја престигнала Кина по бројот на жртви од коронавирусот. Според последните податоци, во Италија моментално од вирусот заболеле повеќе од 80.000 луѓе, а починале 8.165 лица.