Страшна вест ја потресе кошаркарска Европа. Вечерва, српскиот кошаркар, Стеван Јеловац ја загуби најважната битка.
На 14 Ноември, Јеловац колабираше на тренинг со својот клуб, АЕК. Стигнаа информации дека се работи за мозочен удар. Лекарите во прв момент го спасија неговиот живот. Набзо почнаа компликации. Подоцна (во крајно тешка состојба) беше пренесен во клиниката во Белград, каде денеска и официјално беше констатирана смрт на младиот спортист. Јеловац имаше само 32 години.
Токму грчкиот клуб, прв ја објави информацијата за големата трагедија и смртта на нивниот кошаркар.
“Трагедија. Болка што не може да се опише. Тажна вест пристигна од Србија, нашиот борец, нашиот брат, Стеван стана ангел. Одлета кон небото“, стои на официјалната веб-страница на АЕК.
Јеловац беше повремен репрезентативец на Србија. Во својата професионална кариера играше за повеќе силни тимови меѓу кој Црвена Ѕвезда, Литвос Ритас, Бросе Бамберг, Газиентеп итн. Во Ноември 2017 година беше гостин, во Скопје, кога неговиот тогашен тим, (рускиот) Нижни Новгород, имаше дуел со Карпош Соколи.
Ќе остане запаметен по својата ведрина, позитивност и насмевка. Воодушевуваше со каква љубов раскажува за оваа волшебна игра. Беше чест да се познава таква личност. Почивај во мир голем човеку.
Димитар Младеновски