Американскиот претседател Доналд Трамп се заканил дека следната недела ќе ја затвори границата со Мексико или само поголемите делови од границата, ако Мексико веднаш не ги стопира незаконските миграции кои доаѓаат во САД од регионот.
Трамп претходно често повторувал дека ќе ја затвори границата со Мексико, но овој пат тоа би можело да се случи со оглед на тоа дека американската влада има проблеми со надоаѓањето на мигранти од земјите на Централна Америка.
Висок претставник на министерството за домашна безбедност рекол дека таа агенција ги разместува вработените од местата каде влегуваат мигрантите на места помеѓу службените премини и простории за примање на мигранти.

“Ако треба да ги затвориме влезовите за да ја решиме реката на луѓе која надоаѓа тоа ќе го направиме”, рекол претставникот за новинарите, кој сакал да остане анонимен.
“Моментално сме блиску до целосното затворање на било кој влез”, додаде тој.
“Јас ќе ја затворам таа граница”
Трамп своите најнови закани ги изнесе во серија на објави на Твитер после репортажите кои покажуваат дека голем број на мигранти им се закануваат на граничните премини во Ел Пасо, во сојузната држава Тексас.
“Конгресот мора да го промени нашиот слаб закон за миграции сега и Мексико мора да ги стопира незаконските миграции од влегување во САД низ нивната територија и нашата јужна граница”, рекол Трамп.
“Мексико долги години се богатеше на сметка на САД, што е далеку повеќе од трошоците за границата. Ако Мексико веднаш не ги стопира сите незаконски миграции кои доаѓаат во САД низ јужната граница, јас таа граница сам ќе ја затворам или поголемите делови од таа граница и тоа следната недела”, стои во соопштението на Трамп.

Мигрантите кои незаконски ја преминуваат американската граница предизвикаа тензии помеѓу САД и Мексико откако Трамп ја започна својата претседателска кампања пред речиси 4 години. Трамп тврди дека Мексико со незаконската миграција дозволува влез на силувачи и наркомани во САД.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор рекол дека сузбивањето на незаконските миграции е прашање кое првично се однесува на САД и земјите од Централна Америка.
Американските претставници велат дека се соочуваат со миграциска криза долж јужната граница поради надоаѓањето на мигранти, од кои многумина се жени и деца и семејства, а кои бегаат од сиромаштијата во Централна Америка.