Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата влада се обидува да одреди дали вирусот Ковид-19 настанал во лабораторија во кинескиот град Вухан, додека истовремено државниот секретар Помпео порача дека Пекинг мора да појасни што се знае за вирусот.
Американски „Фокс Њуз“ вчера објави дека вирусот настанал во лабораторија во Вухан не како биолошко оружје, туку како обид на Кина да покаже дека нивните напори да се идентификуваат вирусите и борбата против нив се подеднакво големи како и во САД.
Доналд Трамп одговарајќи на прашање на новинарите за тие гласини изјави дека и тој слушнал за тоа и дека неговата администрација „многу темелно ја истражува таа ситуација“.
Запрашан дали за тоа има разговарано со кинескиот претседател Си Џинпинг, Трамп изјави дека не сака да коментира што зборувал со неговиот колега за лабораторијата, затоа што тоа во овие моменти е несоодветно.
Во интервју за телевизијата „Фокс“, државниот секретар Мајк Помпео изјави дека знае дека вирусот настанал во Вухан, но и дека институтот за вирологија е оддалечен неколку километри од пазарот за диви животни за кој се тврди дека е изворот на вирусот.
„Сакаме кинеската влада да се отвори и да ни помогне во објаснувањето како точно вирусот се има проширено. Кинеската влада мора да го појасни тоа“, изјави шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео.
Инаку, Трамп на конференцијата за медиуми одржана во Белата куќа изрази скептицизам за бројот на починати во Кина, истакнувајќи дека е неверојатно Кина да има 3 илјади смртни случаи, а САД повеќе од 20 илјади.
„Дали навистина верувате во тие бројки во една така огромна земја наречена Кина, дека имаат така мал број на случаи. Дали некој навистина верува во тоа?“, запраша Трамп.