Американскиот претседател Доналд Трамп уште минатата седмица се закани дека ќе ја затвори границата со Мексико доколку мексиканските власти не го сопрат приливот на мигранти во САД.
Доналд Трамп сега на Мексиканците им постави ултиматум и им се закани со воведување на царини на автомобилите кои се произведуваат во Мексико, доколку во рок од една година не ги исполнат неговите услови.
Мексиканските власти ќе имаат рок од една година да ја сопрат трговијата со дрога и приливот на мигранти пред царините да стапат на сила.

„Мексико мора да разбере дека ние ќе ја затвориме границата или ќе воведеме царини“, порача Доналд Трамп во Белата куќа и додаде дека најверојатно ќе започне со воведување на царини затоа што тоа ќе биде „силен поттик“ за Мексиканците.
Едно од најголемите ветувања на Доналд Трамп за време на неговата кампања беше изградбата на ѕидот на границата со Мексико, ветување кое што иако настојува да го исполни, се чини дека нема да успее да го реализира поради бројни пречки.

Поради тоа, Трамп се насочи кон други „алтернативни“ решенија, како испраќање на војници на границата со Мексико и закана дека целосно ќе ја затвори границата доколку мексиканските мигранти продолжат да влегуваат на територијата на САД, а мексиканската дрога исто така продолжи да се криумчари во неговата земја.