Транспаренти против Орбан и Груевски: Демонстранти упаднаа во зградата на државната телевизија во Будимпешта

911

Партијата на Орбан порача дека „криминалци“ стојат зад демонстрациите во Будимпешта и го обвинија Џорџ Сорош дека стои зад организацијата на протестите во Унгарија.

Околу 2 илјади Унгарци протестираа во текот на вчерашниот ден пред зградата на унгарската државна телевизија, барајќи независни медиуми и судство, а ова е последниот во низата на собири против унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата владеачка партија „Фидес“.

Демонстрантите извикуваа „Долу Фидес“, а беа забележани и транспаренти на кои што го пишуваше и името на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој неодамна побегна во Унгарија и доби азил од унгарските власти.

Обезбедувањето исфрлило од зградата неколкумина демонстранти кои што упаднале со намера да влезат во студио и да ја прочитаат петицијата против авторитарниот режим на Виктор Орбан, со оглед на тоа што најголемиот дел од унгарските медиуми се под директно влијание на власта и се обидуваат да ги прикријат протестите.

Десетина пратеници исто така упаднаа во зградата на унгарската државна телевизија и ја поминаа ноќта во зградата, откако претходната вечер, во неделата, околу 10 илјади демонстранти излегоа на улиците на Будимпешта.

Тој протест наречен „Среќен Божиќ господине премиеру“ беше четвртиот и досега најголем во низата на протести против Виктор Орбан кој што се повеќе авторитарно владее во Унгарија, врши контрола над медиумите и судството.

Од партијата на Орбан порачаа дека зад протестите стојат „криминалци“ и го обвинија Џорџ Сорош, американскиот милијардер и филантроп со унгарско потекло дека стои зад организацијата на протестите. Сорош е остар критичар на владата на Орбан, но ги отфрла обвинувањата дека стои зад протестите, нагласувајќи дека со таквите обвинувања, унгарската влада сака да создаде лажен надворешен непријател.