Една од најголемите шампионки во брзо лизгање, Елис Кристи, во својата автобиографија ги открила шокантните детали од нејзиниот живот за кои досега молчела.
Автобиографијата под наслов „Отпорност“ привлекла големо внимание кај британската јавност, а по првпат така детално зборувала за тешките теми.

Тројната светска шампионка во брзо лизгање открила дека била силувана кога имала 19 години и истакнала дека пред силувањето нешто ѝ било истурено во пијалокот.
„Излегов, бев издрогирана и некој непознат човек ме силуваше. Една година никому не кажав за тоа. Таа вечер моето тело беше чудно, не функционираше како што треба. Се обидов да си одам, но едноставно не можев да бегам. Паѓав на секој нов чекор. Дури и кога сум била целосно пијана, не сум почувствувала такво нешто. Колку и да се трудев да побегнам од тој човек, не успевав“, открила таа во автобиографијата, а делови од неа ги пренеле светските медиуми, меѓу кои и „The Times“.

Не била своја, бидејќи била издрогирана, па не успеала да му објасни на таксистот кој ја возел до дома за опасноста во која се нашла.
„Кога и да паднев, тој трчаше по мене, ме влечеше и ме креваше, а на крајот ме смести во такси. Се сеќавам само дека на таксистот му реков никако да не вози во домот на ова момче, туку кај мене. Но, силувачот на таксистот му рекол дека сум му девојка и дека сум пијана. На крајот таксистот ме однесе дома“, објаснила девојката, која не го пријавила силувањето, тврдејќи дека ‘не била претепана и оставена да умре’.
„Забележав дека сексуално ќе ме нападне и му повторував: ‘Не, не’. Се чувствував засрамено, а сега знам дека тоа беше сосема погрешно“, истакнала таа.
