Турција испраќа специјалци на границата со Грција: Ќе ги спречуваат мигрантите да се вратат назад

704

Откако ги информираа мигрантите дека границата со Грција е отворена и можат да тргнат кон Запад, сега турските власти ќе испратат безбедносни сили да го спречат нивното евентуално враќање назад.

Со цел да изврши притисок врз Европската унија и да побара поддршка за воената агресија во сириската провинција Идлиб, Турција порача дека нема да ги задржува мигрантите на патот кон западноевропските земји. Се појавија информации дека дури и се нудел бесплатен автобуски превоз до граничниот премин со Грција, иако грчките власти јасно порачаа дека границата е затворена.

Со оглед на тоа што Грција ја затвори границата, мигрантите сега се во меѓуграничниот простор и нема каде да одат, со што станува јасно дека се искористени за политички цели. За целата ситуација да биде уште поконтроверзна, Турција ќе испрати 1000 специјалци на границата со Грција, за да ги сопрат мигрантите евентуално да се вратат назад.

Ова го потврди министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Солју. Тој тврди дека грчките власти повредиле 164 мигранти и 4,900 мигранти се обиделе да се вратат во Турција.

„Турција испраќа 1000 припадници на специјалните единици за да го спречи враќањето на мигрантите“, изјви Солју.

Се проценува дека моментално на грчко-турската граница има околу 10 илјади мигранти кои се обидуваат и насилно да упаднат на територијата на Грција.