Турците ја открија содржината на куферот на убијците: За бруталното убиство на Кашоги биле подготвени ножици, шприцеви…

790

Шприцеви, електрошокови и токи-воки биле во багажот на саудискиот тим кој што бил испратен во Истанбул да го убие новинарот Џамал Кашоги, тврди денес весникот „Сабах“, близок до турските власти.

Овие информации се појавија во турскиот весник после статијата во „Њујорк Тајмс“ кој што ја пренесе содржината од аудиоснимката на која може да се слушне како еден од сторителите на убиството, на некого во телефонски разговор му говори „да му каже на шефот дека операцијата е завршена“.

Името на „шефот“ е непознато, а според турскиот весник, службеници на американските разузнавачки служби оценуваат дека станува збор за саудискиот престолонаследник Мохамад Бин Салман.

Саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој што беше во егзил во Соединетите Американски Држави од 2017-та година, беше убиен на 2-ри октомври во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Според турското обвинителство, несреќниот новинар, инаку истакнат критичар на саудиските власти, бил задушен, а потоа неговото тело било исечено на парчиња.

Од Анкара тврдат дека таа операција ја извршиле 15 лица кои што биле испратени од саудиските власти, а тимот ја напуштил Турција веднаш после извршувањето на злосторството.

„Отпатувале дома со два приватни летови и еден редовен“, откри турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Како што открива „Сабах“, во куферите на тимот од Саудиска Арабија кој што пристигнал во Турција да го ликвидира Кашоги имало десет мобилни телефони, пет токи-воки уреди, два шприцеви, два електрошокови, големи ножици, уред за попречување на комуникации и предмет кој што наликувал на скалпел.