Еден од основачите на „Бајонтек“, Угур Сахин изрази уверување дека вакцината која неговата компанија ја разви заедно со „Фајзер“ заштитува и од индиската мутација на коронавирусот која ја покоси Индија, но и се рашири во повеќе земји во светот.
„Се уште ја тестираме индиската мутација, но таму има мутации на кои ние ја тестиравме вакцината и против кои вакцината е ефикасна. Значи, оптимист сум“, изјави Сахин.
„Вакцината е направена на паметен начин, да издржи многу. Меѓутоа, ако мораме да го зајакнеме бедемот, тогаш тоа и ќе го направиме, не сум загрижен“, изјави Сахин.
Да потсетиме, Светската здравствена организација предупреди дека варијантата на коронавирусот за која се верува дека предизвика нагло ширење на епидемијата во Индија, веќе е откриена во 17 земји ширум светот.
Варијантата „Б.1.617“ позната како и двојниот мутант откриена е во повеќе од 1,200 вирусни секвенци внесени во базата на податоци “GISAID” од најмалку 17 земји, соопштија од Светската здравствена организација. Најголемиот дел од овие случаи се од Индија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Сингапур.