Грчката полиција уапси 65-годишен маж кој се води како главен осомничен за предизвикувањето на страшните пожари во источна Атика, недалеку од грчкиот главен град Атина.
65-годишниот маж чиј што индентитет засега не е откриен, наводно бил жител на град во северниот дел на Атика, Пентелија.
Според зборовите на неговите соседи, тој и во минатото често знаел да пали смет и суви гранки, а пред грчкото обвинителство сведочеле девет негови соседи кои што го сметаат за главен виновник за избувнувањето на катастрофалните пожари, најголеми во Грција од 2007-ма година.
Осомничениот наводно палел трева и суви гранки на брдо над Пентелија, по што малиот оган поради ветрот прераснал во голем пожар кој што за експресно кратко време ја зафатил останатата сува вегетација.
Поради високите температури и олујните ветрови кои што дуваат во оваа област, огнената стихија прераснала во нешто што не можело да се исконтролира за кратко време. Сето тоа резултираше со над 80 загинати и предизвикување на огромна материјална штета.
Како што пренесува телевизијата „Скај“, откако осомничениот сфатил дека размерите на пожарот стануваат огромни, а посебно после првите информации за трагичните исходи, тој се обидел со земја и вода да ги прикрие трагите на почетната точка од каде што се раширил пожарот. Сепак, за негова несреќа грчката полиција после дојавата веднаш го уапсила.
На почетокот на минатата седмица, Грција беше погодена од најголемите пожари во последните 10 години – според последните податоци, во пожарите загинаа најмалку 83 лица, а 187 се хоспитализирани, меѓу кои има и 12 деца.