Во Битола е уапсен маж, осомничен дека пред 10-тина дена му испрати заканувачко писмо на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски во кое пишуваше дека тој ќе биде убиен многу брзо.
Од МВР најавуваат официјално соопштение во врска со настанот.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески преку соопштение на 27-ми јануари извести дека преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот. Заканувачите во писмото порачуваат дека ќе го убијат Јовески многу брзо, а се претставуваат како терористичка организација и бараат да бидат ослободени од гонење двајцата новинари од ТВ Алфа, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, постапка за која од Обвинителството нагласуваат дека веќе е запрена во декември 2021, бидејќи нема место за гонење од страна на јавен обвинител, пренесува „МКД“.

Заканувачките писма се напишани на македонски и на англиски јазик.

„Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување.
Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата“, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.
Подоцна истиот ден, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, откри дека пред еден месец и таа добила две писма со закани по живот.
„Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а „криминалците Зоран и Вице Заеви“ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла“, изјави Русковска за „Дојче Веле“.