Двајца професори по хемија од Арканзас се уапсени и обвинети за производство на метамфетамин, силна синтетичка дрога која брзо создава зависност кај корисниците.
Необичниот случај многу потсетува на популарната телевизиска серија “Breaking Bad”, каде што професор по хемија исто така започна да произведува метамфетамин и потоа се судри со моќните мексикански картели.
45-годишниот Тери Дејвид и 40-годишниот Бреди Ален Роуленд, инаку вондредни професори по хемија на државниот Универзитет Хендерсон во Аркаделфија, биле уапсени во петокот, а тоа е потврдено и од канцеларијата на локалниот шериф. Против нив се поднесени обвиненија за производство на метамфетамин и производство и продажба на дрога.
„Кабинетот за наука на Универзитетот беше затворен на 8-ми октомври откако беше пријавено протекување на хемикалии. Зградата беше повторно отворена на 29-ти октомври кога агенцијата за заштита на животната средина изврши детална контрола и замена на системите за филтрирање на воздухот“, изјави Тина Хол, потпретседателка на Универзитетот и задолжена за односи со јавноста.
Таа сепак не сакаше да го коментира инцидентот со протекувањето на хемикалиите и тврдењата на локалните медиуми дека уапсените професори произведувале метамфетамин во просториите на Универзитетот.
„Уапсените професори се на привремено отсуство од 11-ти октомври“, додаде таа.
Од полицијата соопштија дека истрагата е во тек и наскоро судијата ќе одлучи дали уапсените професори ќе бидат пуштени со кауција да се бранат од слобода.