Венецуеланската државна телевизија денес емитуваше снимка од заробениот Американец Лук Денман на која тој признава дека му било наредено да го преземе аеродромот во Каракас и да доведе авион со кој ќе го пренесе претседателот Николас Мадуро во САД.
Венецуеланските власти во понеделникот го уапсија Денман, уште еден американски државјанин – Еран Бери и 11 други „терористи“, поради планирање на, според Мадуро, неуспешен заговор да упаднат во земјата преку карипскиот брег и да го симнат од власт.
Денман во видео изјавата од тајна локација одговараше на прашања на англиски јазик. Тој откри дека неговата мисија била да го обезбеди аеродромот и да воспостави „надворешна безбедност“, иако не е јасно како се планирало претседателот Мадуро да биде сместен во авион кој би полетал за САД.
„Им помагав на граѓаните на Венецуела да ја преземат контролата над својата држава“, изјави Денман во видеото.
„Доналд Трамп е директниот шеф на оваа инвазија“, објави претседателот на Венецуела, Николас Мадуро по емитувањето на видеото.
Претседателот на САД, Доналд Трамп отфрли било каква вмешаност, додека пак државниот секретар Мајк Помпео порача дека американската влада ќе ја употреби „секоја алатка“ за да обезбеди враќање дома на Американците, доколку тие се заробени во Венецуела.
Денман и Бери се поранешни припадници на специјални единици. Во март американското Министерство за правда го обвини Мадуро и уште десетина сегашни и поранешни венецуелански функционери за „нарко-тероризам“, а администрацијата на Трамп понуди 15 милиони долари за информации кои би довеле до негово апсење.